1. Која е надлежноста на управната инспекција?
Управната инспекција го опфаќа надзорот над примената на Законот за општата управна постапка, Законот за инспекциски надзор и другите закони што содржат одредби за управната постапка, надзор над спроведувањето на одредбите на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, согласно со закон , како и надзор над извршувањето на прописите за канцелариското работење согласно со Уредбата за канцелариско и архивско работење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 1/2014), и Упатството за начинот и техниката на постапување со архивскиот и документарниот материјал во канцелариското и архивското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 99/2014).
2. Во кои институции управната инспекција врши инспекциски надзор?
Управната инспекција , врши инспециски надзор во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
3. Кои инспекциски акти ги изготвува управниот инспектор за извршениот инспекциски надзор?
За извршениот инспекциски надзор инспекторот составува записник со наод за утврдената состојба, а отстранувањето на утврдените недостатоци во работата го наредува со решение во кое се утврдени роковите за нивното извршување.
4. Кои се овластувањата на управните инспектори при вршењето на инспекцискиот надзор во поглед на примена на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржат одредби за управната постапка?
Во вршењето на инспекцискиот надзори инспекторите се овластени: Да наредат решавање на управните работи за кои изминал законскиот рок и да определат дополнителен рок не подолг од 30 дена; да наредат вклучување на заинтересираните странки во управната постапка заради заштита на нивните права и интереси и да определат рок не подолг од седум дена; да наредат обезбедување на докази по службена должност од службената евиденција што ја води органот надлежен за решавање, друг државен орган, правни и други лица кои имаат јавни овластувања, општините и градот Скопје и да определат рок не подолг од три дена; да наредат доставување на докази кои се барани по службена должност од други органи и да определат рок не подолг од три дена; да наредат извршување на правосилните управни акти и да определат рок не подолг од 30 дена; да наредат утврдување и наплата на трошоците во управната постапка и да определат рок не подолг од 15 дена; да наредат на второстепениот орган самиот да го реши предметот кога постапува по изјавена жалба против решение кое еднаш било поништено и вратено на повторно решавање и да определат рок не подолг од 30 дена; да наредат отстранување на други недостатоци во водењето на управните постапки и да определат рок не подолг од 15 дена; да поднесат кривична пријава за сторено кривично дело, барање за поведување на прекршочна постапка или иницијатива за покренување на дисциплинска постапка и да вршат други работи за чие извршување се овластени со овој закон.
5. Кои се овластувањата на управните инспектори при вршењето на инспекцискиот надзор во поглед на примена на Законот за административните службеници?
Во вршењето на инспекцискиот надзори во поглед на примена на Законот за административните службеници инспекторите се овластени: да наредат ажурирање на податоците во Регистарот на вработените во јавниот сектор преку информациониот систем за управување со човечки ресурси кој го води Министерството за информатичко општество и администрација, во рок од 7 дена; да наредат доставување на извештај за реализација на Годишниот план за вработување, доколку рокот за доставување на извештајот изминал и да определат рок не подолг од 7 дена; да наредат спроведување на постапката за управување со ефектот на административните службеници, доколку е поминат рокот и да определат дополнителен рок не подолг од 30 дена и да преземат други мерки утврдени со закон.
6. Кои се овластувањата на управните инспектори при вршењето на инспекцискиот надзор во поглед на примена на прописите за канцелариското работење?
Во вршењето на инспекцискиот надзори во поглед на примена на прописите за канцелариското работење инспекторите се овластени: да остваруваат непосреден увид во примената и извршувањето на прописите за канцелариското работење;да укажат на субјектот на надзорот за утврдените недостатоци и неправилности во работењето и да наредат во определен рок отстранување на утврдените недостатоци, но не подолг од 15 дена.
7. Како управниот инспектор утврдува дали е постапено по Решението со кое се наредува отстранување на утврдените недостатоци?
Извршувањето на решението, инспекторот го утврдува со вршење на контролен инспекциски надзор за што составува записник. По исклучок доколку инспекторот во рокот утврден во решението добие акт, исправа или друг доказ доставен од органот кој бил задолжен со решението на инспекторот, а од кој може да се утврди дека решението на инспекторот е целосно извршени и се отстранети сите недостатоци, инспекторот може без да изврши контролен надзор да донесе заклучок за запирање на постапката.
8. Што треба да содржи поднесокот / иницијативата за вршење на вондреден инспекциски надзор?
Поднесокот /иницијативата за вршење на вондреден инспекциски надзор треба да биде јасен, разбирлив и треба да ја содржи целта на иницијативата, името и презимето на подносителот, местото на домувањето на подносителот, односно називот и седиштето на правното лице определено во Централниот регистар, број на предметот на предметот и означување на органот на кој се однесува, кој е застапник или полномошник ако го има и потпис на подносителот. Ако поднесокот е нецелосен или нејасен, управниот инспектор ќе се обрати до подносителот и ќе определи рок од 15 дена за дополнително појаснување. Ако подносителот ги отстрани недостатоците во определениот рок, ќе се смета дека поднесокот бил од почеток доволно јасен. Ако подносителот не одговори во определениот рок, барањето/иницијативата ќе биде отфрлено со управен акт во рок од дополнителни седум дена, против кој е дозволена жалба.
9. Дали донесените инспекциски акти се доставуваат до подносителот на иницијативата?
Согласно со член 17 став 3 од Законот за управната инспекција донесените инспекциски акти (записник и решение) се доставуваат до субјектот во кој е вршен инспекцискиот надзор, а подносителот на иницијативата истите може да ги добие во постапка за оставрување на правото на слободен пристап на информации пропишана со Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.
10. Кој е рокот за издавање на управен акт во управната постапка?
Управната постапка во прв степен, поведена по барање, освен кога е поинаку предвидено со закон, се завршува во најкус можен рок, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на нејзиното поведување при што рокот започнува да тече од денот кога странката го поднела барањето со сите докази кои била должна да ги поднесе. Орган може еднаш да го продолжи рокот при што продолжувањето е допуштено за периодот што е потребен да се заврши постапката, во зависност од сложеноста на предметот, но не може да биде подолго од 30 дена. За продолжувањето на временскиот рок и новиот датум на неговото истекување се соопштува на странката во првичниот рок и треба да се даде соодветната причина за истото.
11. Од кога управниот акт произведува правно дејство?
Управниот акт може да произведува правни последици од моментот кога на странката на којашто се однесува или врз којашто влијае и е доставен актот. Управниот акт може да произведе правни последици од моментот што е изречно утврден во диспозитивот од писмениот управен акт. Управниот акт важи сè додека не се укине, поништи или измени со одлука по правен лек или по службена должност. Важењето исто така може да престане по истек на определен временски рок или по исполнување на целта на актот доколку изрично било утврдено во диспозитивот на актот.
12. Во кој рок може да се изјави жалба против управен акт?
Странката може да изјави жалба против управниот акт во рок од 15 дена од денот на доставувањето, односно известувањето за управниот акт, освен ако со посебен закон не е определен подолг рок.
13. До кој орган се поднесува жалбата?
Жалбата непосредно се поднесува на второстепениот орган (наведен во упатството за правно средво во првостепениот управен акт), кој е должен наредниот ден во електронска форма да ја достави истата до првостепениот орган и да побара истиот во рок од седум дена да испита дали жалбата е допуштена, навремена и изјавена од овластено лице. Ако жалбата му е предадена или испратена непосредно на првостепениот орган, тој во рок од седум дена ќе испита дали жалбата е допуштена, навремена и изјавена од овластено лице.
14. Во кој рок второстепениот орган постапува по поднесена жалба?
Постапката по жалбата на второстепениот орган треба да се заврши без одлагање, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на предавање на жалбата и сите списи на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган, освен ако со Закон поинаку не е определено.
15. Во кој рок второстепеното решение се доставува до странката?
Органот што ја решил работата во втор степен го испраќа своето решение, со списите на предметот во електронска форма до првостепениот орган, кој е должен решението да го достави до странките во рок од осум дена од денот на приемот на решението со списите.
16. Во кој рок странката може да поднесе барање за повторување на постапката?
Странката треба да го поднесе барањето за повторување на постапката во рок од 30 дена откако дознала за причините за повторувањето на постапката. По истекот на периодот од три години од денот кога странката била известена за управниот акт, не може да се побара повторување на постапката.
17. Дали секој поднесок на странката треба да биде примен и заведен во соодветната евиденција од страна на институцијата во која се поднесува?
Секој поднесок(барање, иницијатива, предлог и др.) задолжително треба да биде примен од страна на овластеното службено лице, на истиот да се стави отпечаток од приемен штембил со пополнување на рубриките со потребните содржини и да биде заведен во деловодникот или во друга книга за основна евиденција.
18. Дали странката за секоја поднесена преставка до државните органи и другите јавни служби има право да добие одговор?
Секој граѓанин има право да поднесува преставки и на нив да добие одговор.
19. Кој го води Регистерот за вработените во јавниот сектор?
Заради единствено и квалитетно управување со човечките ресурси на ниво на институција, односно на ниво на јавен сектор, се воспоставува Регистар на вработените во јавниот сектор кој преку информационен систем за управување со човечки ресурси го воспоставува и во електронска форма го води Министерството за информатичко општество и администрација.
20. Во кој рок овластеното лице за управување со ИСУЧР е должно да ги коплетира податоците во Регистарот во ИСУЧР?
Овластеното лице е должно да ги внесе, односно комплетира податоците во Регистарот во ИСУЧР најдоцна во рок од еден месец од денот на приемот на корисничкото име и лозинка доделено од министерството за информатичко општество и администрација како и да ја ажурира секоја настаната промена на податоците во рок од 10 дена од нејзиното настанување.
21. Врз основа на што се вршат вработувањата во јавниот сектор?
Вработувањата во институциите на јавниот сектор се вршат врз основа на годишни планови за вработување кои функционерите кои раководат со институциите ги подготвуваат врз основа на Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност и се носат во постапка утврдена со Законот за вработените во јавниот сектор најдоцна до 10 мај.
22. За кои вработени во јавниот сектор, управната инспекција врши инспекциски надзор над спроведување на одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор?
Управната инспекија врши инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор, како и на прописите донесени врз основа на овој закон, за вработените од групa I - работни места на административни службеници, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор заради вршење на работи од административна природа и групa II - работни места на службени лица со посебни овластувања, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето заради извршување на посебни овластувања.
23. Во кој рок одлучува Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен по жалбите и приговорите на адмнистративните службеници?
Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен по жалбите и приговорите на адмнистративните службеници одлучува во рок осум работни дена од денот на приемот на жалбата, доставена од првостепениот орган.
24. Доколку жалбата биде уважена од Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен по жалбите и приговорите на адмнистративните службеници, во кој рок првостепениот орган е должен да постапи по донесената одлука?
Доколку жалбата биде уважена од Комисијата, првостепениот орган е должен да постапи по одлуката на комисијата во рок од осум работни дена од приемот на истата.
25. Во кој рок секретарот односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар е должен да донесе одлука по добивање на предлогот од Комисијата за селекција?
Секретарот, односно раководното лице во институциите во кои не се назначува секретар, во рок од пет дена по добивањето на предлогот е должен да донесе одлука за избор.Одлуката за избор се доставува до избраниот кандидат и се објавува на интернет страницата и на огласната табла на Агенцијата.
26. Во кој рок секретарот, односно раководното лице на институцијата во кој не се назначува секретар е должен да подготви и да достави извештај со ранг листа на годишни оцени за сите оценети административни службеници во институцијата за тековната година до Министерството за информатичко општество и администрација?
Секретарот, односно раководното лице на институцијата во кој не се назначува секретар е должен да подготви и најдоцна до 31 јануари до министерството да достави извештај со ранг листа на годишни оцени за сите оценети административни службеници во институцијата за тековната година.