ДРЖАВЕН УПРАВЕН ИНСПЕКТОРАТ

Надлежности на Државниот управен инспекторат


Управната инспекција го опфаќа надзорот над примената на Законот за општата управна постапка, Законот за инспекциски надзор и другите закони што содржат одредби за управната постапка.
Управната инспекција врши надзор над спроведувањето на одредбите на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, согласно со закон.
Управната инспекција врши надзор и над извршувањето на прописите за канцелариското работење.

Надзорот над примената на Законот за општата управна постапка, Законот за инспекциски надзор и другите закони што содржат одредби за управната постапка. опфаќа надзор над:
-       навременото, економичното и ефикасното остварување на правата и интересите на граѓаните и другите учесници во управната постапка во решавањето на управните работи;
-       постапувањето во пропишаните рокови во првостепената и второстепената управна постапка, како и во роковите определени со акти на судските органи;
-       вклучувањето на заинтересираните странки во управната постапка заради заштита на нивните права и интереси;
-       обезбедувањето на докази по службена должност од службената евиденција што ја води органот надлежен за решавање, друг државен орган, правни и други лица кои имаат јавни овластувања, општините и градот Скопје;
-       извршувањето на правосилните управни акти;
-       наплатата на трошоците во управната постапка;
-       примањето на поднесоците;
-       издавањето на уверенија и други јавни исправи за одредени факти од службената евиденција;
-       стручната подготовка на државните службеници и вработените кои преземаат дејствија во управната постапка;
-       доставувањето на управните акти и другите писмена;
-        начинот на однесувањето и работењето на административните службеници и вработените, со цел да се обезбеди почитување на принципите на законитост, професионален интегритет, ефикасност, одговорност и лојалност при вршењето на нивните службени должности;
-        спроведувањето на мерките на надлежните органи за подобрување на работата при решавањето на управните работи и
-        употребата на јазиците на странките во управната постапка, правната помош меѓу органите и другите учесници во управната постапка и други работи утврдени со Законот за општата управна постапка и другите закони. 
Надзорот во однос на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници на овој член опфаќа надзор над:
-        постапката за донесување на актите за организација и систематизација на работните места во институциите на јавниот сектор;
-        редовното ажурирање на податоците во Регистарот на вработените во јавниот сектор од страна на секоја институција на јавниот сектор, а кои се однесуваат на самата институција и на нејзините вработени, кое ажурирање се врши преку информациониот систем за управување со човечки ресурси кој го води Министерството за информатичко општество и администрација;
-       постапката за донесување на годишните планови за вработување во институциите на јавниот сектор и доставувањето на извештаите за реализација на годишните планови;
-        формата и содржината на огласите за вработување во институциите на јавниот сектор;
-        постапката за вработување на административни службеници;
-        постапката за унапредување на административни службеници;
-        постапката за мобилност на административни службеници;
-        стручното усовршување на административните службеници;
-        постапката за управување со ефектот на административните службеници;
-        постапката за утврдување на дисциплинска и материјална одговорност на административните службеници;
-        постапката за престанок на работниот однос на административните службеници;
-        постапката по жалби на административните службеници и
-        другите прашања во врска со статусот на административните службеници.
Надзорот над извршувањето на прописите за канцелариското работење опфаќа надзор над:
-  приемот, прегледувањето и распоредувањето на документи/записи,
-  заведувањето на документите/записите,
-  доставувањето на документите/записите во работа,
-  административно-техничкото обработување на документите/записите,
-  испраќањето на документите/записите,
-  разведувањето и класифицирањето на документите/записите и
-  одлагањето на решените документи/записи во писарницата. 

Надзорот се врши во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и  институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.